ВИДЕО: Луд гол на Терие, Леверкузен се разбуди во вториот дел со Келн

Фудбалерите на Баер Леверкузен се вратија на победничкиот пат откако на домашен терен славеа со 2-0 против големиот ривал Келн во рамките на 14. коло од германската Бундеслига.

  • Извештај од натпреварот:

Охрабрени од ремито против Њукасл во Лигата на шампионите, избраниците на Каспер Јулман со јасна намера влегоа во еден од најзначајните дуели во Северна Рајна-Вестфалија. Дополнителен мотив за „фармацевтите“ беше и поразот од Аугсбург во претходното коло, па победата против најголемиот лигашки ривал се наметнуваше како императив.

Баер уште од самиот старт наметна силно темпо и во првите девет минути создаде две сериозни закани, најавувајќи дека прашање на време е кога ќе дојде до водство. Сепак, средината на првото полувреме донесе и момент на вознемиреност за домашните, откако Лука Валдшмит пропушти одлична можност за Келн. Напаѓачот на „јарците“ повторно се најде во шанса неколку минути подоцна, но и тогаш прецизноста изостана.

Баер возврати преку Роберт Андрих во 34. минута, но репрезентативецот на Германија не успеа со удар со глава да го отвори резултатот, па на одмор се замина без голови. Продолжението, меѓутоа, јасно навести дека натпреварот оди во насока на домашниот тим. Притисокот вроди со плод во 66. минута, кога Мартин Терије постигна вистински еврогол, со атрактивен удар во пад, зад грб, маестрално го совлада противничкиот голман и ја крена публиката на нозе.

Само шест минути подоцна Баер ја потврди победата. По корнер, Роберт Андрих овојпат беше далеку попрецизен и со силен удар со глава го постави конечниот резултат од 2-0. До крајот „фармацевтите“ имаа уште неколку можности и за поубедлив триумф, но и ваквата победа беше доволна за искачување на четвртата позиција на табелата, со три бода помалку од второпласираниот РБ Лајпциг.