• Мартин Танасковски
Фудбалерите на Баер Леверкузен остварија минимална, но исклучително значајна победа на гостувањето кај Хамбургер со резултат 1-0, во заостанатиот натпревар од 17. коло во германската Бундеслига. Трите бода беа обезбедени по цврст и доминантен настап на гостите, кои ја потврдија својата амбиција за пласман во европските натпреварувања.
- Извештај од натпреварот:
Одлучувачкиот момент се случи во 73. минута, кога Леверкузен изведе брза и технички прецизна тимска акција. По одлично темпирано додавање на Маза во празен простор, младиот камерунски напаѓач Кристијан Кофане излезе сам пред голот и со силен удар со левата нога од десетина метри ја испрати топката под пречката за 0-1. Реализацијата беше врвна, а акцијата претставуваше круна на иницијативата што гостите ја градеа во текот на целиот натпревар.
Драмата кулминираше во судиското продолжение. Иако првично беа означени шест минути дополнително време, натпреварот се продолжи уште две минути. Во последните секунди, дефанзивецот Лука Вушковиќ имаше две извонредни можности да донесе израмнување. Најпрво неговиот удар од непосредна близина беше одбранет од голманот Бласвик, а по одбиената топка младиот хрватски стопер се обиде со удар со глава, но топката заврши во пречката. Така, Леверкузен избегна шокантен расплет и го зачува водството до последниот судиски свиреж.











