• Иван Димовски
Фудбалерите на германската фудбалска репрезентација се радуваа во дербито против Холандија (1-0) во четвртото коло од Лигата на нациите. Домашната селекција на „Алијанц Арената“ едноставно беше похрабра и тоа беше наградено со триумф и важни три бода во битката за првото место во групата.
Средбата тргна добро за Германците, бидејќи постигнаа гол уште во втората минута и тоа преку дебитантот Џејми Левелинг. Сепак, ВАР собата се јави, укажа на офсајд и судијата Славко Винчиќ донесе во најмала рака двојбена одлука. Голот на Левелинг беше поништен поради недозволена позиција на Гнабри. Во првиот дел спорен беше и еден старт на Тијани Реијндерс, кој со отворен ѓон удри противник, а мина само со жолт картон.
Нешто поконкретна беше Германија, а тоа го наплати со гол во 63. минута. Тогаш Левелинг по еден корнер дочека одбиена топка и од 11-12 метри ја испрати во аголот од голот на Вербруген за 1-0. Во продолжението „лалињата“ се обидоа да се вратат, притиснаа и имаа по некоја шанса, меѓутоа домаќинот го одбрани водството и триумфира.
Во трката за второто место се вклучи и Унгарија, откако славеше на гостувањето кај Босна и Херцеговина со 0-2. Двоен стрелец за четата на Марко Роси беше Доминик Собослаи. Сега во групата Германија има десет, Холандија и Унгарија по пет, а Босанците се на дното со еден бод.
Во рамките на Лига Б гостински триумф запиша Турција во ефикасен меч на Исланд (2-4), Украина и Чешка одиграа реми (1-1), а Велс минимално слави против Црна Гора (1-0). Швеѓаните во Ц сегментот со 0-3 славеа на гости кај Естонците.