Леванте поднесе жалба, Барса настапила со казнет фудбалер и може службено да загуби?

Барселона се квалификува во четвртфиналето на Купот на Кралот, откако со вкупни 4-2 го елиминира тимот на Леванте. Но, голема прашина крена „случајот Чуми“ и можноста Барса да го загуби натпреварот на „зелена маса“.

Имено, младинецот на Барса, Чуми, настапил на првиот натпревар во Валенсија, кој Леванте го доби со 2-1, иако имал три жолти картони, добиени во третата лига за Барселона Б.

Правилото на федерацијата е контрадикторно, но Леванте најави жалба во текот на утрешниот ден. Имено, клубот на нашиот Барди бара службена победа од 0-3 и пласман во четвртфиналето. Сепак, постојат две пречки заради кои не може случајот да се споредува со оној на Черишев од Реал Мадрид пред неколку години. Имено, жалбата може да биде поднесена само 48 часа по завршувањето на натпреварот, а Леванте тоа не го стори. Исто така постои претходен случај во кој Реал Мадрид играл со казнет фудбалер заради три жолти картони во третата лига и не бил санкциониран.

Олеснителна околност е тоа што Чуми имал три жолти картони, а не директен црвен, па да биде задолжителна казната за следниот натпревар, без разлика дали е тоа првенствен или Куп натпревар. 

Одлуката мора да биде донесена утре, бидејќи ждрепката е закажана за утре попладне во 17:00 часот во Мадрид.