• Горан Упале
Минатото лето Роберт Левандовски предизвика бес кај навивачите на Баерн кога побара трансфер во Барселона, но шпанските медиуми пишуваат дека Полјакот би можел да им зададе нов удар бидејќи јавно прозва свој поранешен соиграч да побара трансфер и да му се придружи во каталонскиот клуб.
Напаѓачот постави ултиматум до клупските челници да го пуштат и тој заврши во Барселона. Тоа навистина не им се допадна на навивачите на Баерн бидејќи сметаат дека Левандовски не бил фер кон клубот во кој се прославил.
Полјакот покрај сè што направи во дресот на Баерн би можел да стане најомразената личност во Минхен. Шпанските медиуми пред неколку дена објавија дека Џошуа Кимих е решен да го напушти Баерн ова лето и дека Барселона е една од можните дестинации за германскиот репрезентативец.
Ваквите шпекулации очигледно стигнаа до Левандовски, кој јавно реши да го повика Кимих да ја прифати понудата на Барселона и дека сигурно нема да погреши со таквиот избор.
„Би му кажал на Џошуа Кимих дека трансферот во Барселона би бил многу добар за него. Атмосферата овде е поинаква, посебна. Баерн и Барса се два големи клуба, но тука сè е поинаку. Јазик, секојдневие, искуство, предизвици. Апсолутно сè“, изјави Левандовски.
Во Барселона веруваат дека Кимих би бил идеална замена за Серхио Бускетс, кој на крајот на сезоната ќе го напушти клубот откако му истече договорот.