Левандовски се пожали: Бидејќи сум Полјак, морам да бидам задоволен и со осмото место

Роберт Левандовски игра во животна форма од стартот на оваа сезона, а тоа го докажуваат бројките кои велат дека на 21 настап постигна дури 27 голови. Бројките кои ги има Полјакот во 2019 година, не беа доволни за висок пласман на вчерашното доделување на „Златната топка". 

Напаѓачот на Баерн Минхен заврши на осмата позиција според бројот на гласови, а тој изјави дека не е разочаран и дека е среќен што се наоѓа меѓу најдобрите. 

„Не сум разочаран, туку многу среќен што сум во друштво на толку одлични играчи. Сега не сме на теренот во дресови, туку на гала вечер во одела каде што се дружиме", скромно изјави Полјакот.

Сепак, тој смета дека со оглед на разноликото гласачко тело, не можел да очекува повисоко место. Нагласи и дека поради тоа што доаѓа од Полска не може да се надева на приматот.

„Резултатите од изборот на толку големо и разнолико гласачко тело не можеа да бидат позитивни за мене. Верувам дека ова што го покажувам оваа година ќе влијае на следното гласање за оваа награда. Затоа сум мирен и не сум разочаран. 

Морам да имам уште подобри бројки отколку оваа година. Свесен сум дека поради фактот што доаѓам од Полска морам да бидам задоволен со местото кое го имам" заврши Левандовски.

Роберт Левандовски мора да биде поуспешен со Баерн во најдоброто континентално натпреварување доколку сака да конкурира за „Златната топка".