Лев: Ќе видиме дали Германија е спремна да игра со тим како Франција...

Селекцијата на Германија утре ја чека голем тест, против светскиот првак Франција во Минхен уште на отворањето на Европското првенство. Во јунските тестови „панцерите“ одиграа реми со Данска (1-1) и ја прегазија Летонија (7-1), ама во последниот официјален натпревар загубија од Македонија во Дуизбург (1-2). 

На официјалната прес-конференција пред утрешната средба, селекторот Јоаким Лев ги изнесе своите очекувања. 

„Се подготвувавме добро изминатите две седмици. Чекориме во вистинска насока, атмосферата во тимот и кампот е одлична, а фудбалската алчност и амбиција се видливи. Едвај чекаме да тргне турнирот, постои позитивна тензија во воздухот. 

Дуелот утре ќе биде важен, да видиме дали тимот е спремен за ривал каков што е Франција. Имаме многу квалитет, добар баланс и мешавина на напад и одбрана. Играчи како Вернер, Сане, Хаверц, Милер, Гнабри, можат да решат натпревар со еден потег. Двете селекции имаат опасни напаѓачи, па мора да бидеме фокусирани секоја секунда и да не ги загубиме од вид во ниту еден момент“, изјави Лев. 

Во „групата на смртта“, Франција и Германија мора да се борат за секој бод, бидејќи ќе играат уште со бранителот на тронот Португалија и незгодната Унгарија.