Летонски клуб нуди 100.000 евра за Шишковски, проблем се личните услови

Македонскиот голман Дамјан Шишковски може да има нов клуб во новата сезона, затоа што за чуварот на мрежата на Докса Катокопијас постои добра понуда од Летонија, но проблем претставуваат личните услови на чуварот на мрежата со заинтересираната страна.

Шишковски бранеше за Македонија во претстојниот циклус во Лигата на нациите, а со кипарскиот тим претходно избори опстанок во елитното друштво. Одбрани неколку пенали кои беа клучни, имаше и одбрани кои донесоа бодови, па за него се заинтересира летонска Лиепаја која заврши на третата позиција на табелата.

Клубот крои тим за Конференциската лига на УЕФА, па Шишковски е нивен прв избор за нов голман. Првично, Докса ја искористи можноста да одбие понатамошни преговори и покрај понуда за трансфер, затоа што Шишковски има договор со кипарскиот клуб до 2024 година, но работите се променија затоа што цифрата за откуп се зголеми.

Информациите кои доаѓаат од Кипар се дека Лиепаја е подготвена да плати 100.000 евра за македонскиот голман. Таа понуда ѝ одговара на Докса, меѓутоа проблем се личните услови на Шишковски и Лиепаја. Се бара решение и заеднички јазик за понатамошни преговори.

Шишковски е прв голман на Докса од 2020 година. Претходно, играше за Работнички, фински Ропс и Лахти, како и белгиски Гент.