• Редакција Gol.mk
Македонската фудбалска репрезентација ги заврши септемвриските обврски и се наоѓа во многу поволна позиција пред завршните три кола од мундијалските квалификации. Македонија сама зависи од себе за финалниот исход во групата, но има тежок распоред и ја очекуваат две гостувања во Гент и Кардиф, како и домашен натпревар со Казахстан.
Покрај двете предвидени обврски во октомври (Белгија во гости и Казахстан во Скопје), Македонија има и еден слободен ФИФА термин во ноември. Летонската фудбалска федерација потврди дека е договорен пријателски натпревар против Македонија во Скопје, на 13 ноември. Пет дена подоцна нашата репрезентација гостува во Кардиф во одлучувачкиот натпревар од последното десетто коло во групата.
Македонија и Летонија играа во иста група во Лигата на нации минатата година и нашата селекција забележа две победи.













