ВИДЕО: Лестер немоќен на „Кинг Пауер“, Кристал Палас го освои целиот плен

Во последниот денешен натпревар од 27. коло на Премиер лигата, Лестер Сити на „Кинг Пауер“ неочекувано загуби од Кристал Палас со 1-4 (0-1).

Првиот дел мина во доминација на „лисиците“, но по непишаното правило со предност на одмор заминаа гостите. Голот за водство на Кристал Палас го запиша Мичи Батчиуји во 40. минута, откако успеа да го смени правецот на топката по ударот на Џејмс МекАртур.

По паузата Лестер продолжи со нападите, а тоа резултираше со израмнувачки погодок на Џони Еванс во 64. минута. Радоста на домаќините кратко траеше, бидејќи Вилфред Заха во 70. минута по асистенција на МекАртур ја врати гостинската предност (1-2). По тој погодок домаќините едноставно паднаа, а тоа го искористија гостите и преку Лука Миливојевиќ од пенал зголемија на 1-3, а конечните 1-4 со својот втор гол ги постави Заха во 93. минута.

Во следното коло Лестер Сити го пречекува Брајтон, а Кристал Палас на домашен терен ќе игра против Манчестер Јунајтед.