ВИДЕО: Лестер ја прекина црната серија, Хадерсфилд победи по 14 натпревари!

Лестер Сити во продолжение на сезоната ќе има нов тренер во името на Брендон Роџерс, а во рамките на 28. коло од Премиер лигата на домашен терен славеше победа од 2-1 (1-0) против тимот на Брајтон.

„Лисиците“ по отказот за Клод Пуел, на денешниот натпревар беа привремено предводени од Мајк Стауел и на крајот ја прекинaа серијата од шест натпревари без победа, во кои фудбалерите на Лестер запишаа дури пет порази. Резултатот во првиот дел го откри Демарај Греј уште во 10. минута, а иако во продолжение и двата тима имаа свои шанси, резултатот по првите 45 минути остана непроменет.

Вториот дел започна со иницијатива и две шанси на гостите, но без завршница. Казната за тоа стигна во 64. минута, откако Џејми Варди зголеми на 2-1. Три минути подоцна Брајтон преку Дави Промер намали на 2-1 и најави супер завршница. Во последните мигови од натпреварот, гостите преку Глен Мареј имаа извонредна шанса за израмнување, но неговиот удар заврши надвор од рамките на голот и победата остана за домашниот тим.

Хадерсфилд со голот на Муние во 92. минута го совлада Вулверхемптон со 1-0 и ја прекина серијата од 14 натпревари без победа во Премиер лигата. Воедно денешната победа за Хадерсфилд е прва по онаа против истиот противник на гостински терен со 0-2, уште во месец ноември.

Фудбалерите на Евертон ја прекинаа серијата од три порази по ред и на гостински терен го совладаа тимот на Кардиф Сити со 0-3 (Сигурдсон 41', 66' и Калверт-Левин 93' минута).