ВИДЕО: Ленс победи на едно од најтешките гостувања, притисокот е врз ПСЖ

Фудбалерите на Ленс остварија значајна победа на гостувањето кај Нант, славејќи со 2-1 на „Божоар“ во рамките на 15. коло од Лига 1, во меч кој уште еднаш потврди дека овој стадион секогаш претставува едно од најтешките гостувања во Франција, без разлика на формата или пласманот на Нант.

Ленс во Западна Франција пристигна како лидер на шампионатот и како фаворит кој имаше шанса да му го префрли притисокот на актуелниот шампион Пари Сен Жермен, што тимот на Саже успеа да го направи со зрелост, цврстина и висок квалитет во играта.

Гостите поведоа во 34. минута преку најдобриот играч на тимот оваа сезона, Флоријан Тован, кој продолжува да блеска во својата најдобра клупска кампања. Иако не е познат како играч кој често постигнува голови со глава, овојпат Тован одлично реагираше на прецизниот центаршут на Рубен Агилар и ја спроведе топката во мрежата како вистински класичен напаѓач. Но водството траеше само неколку моменти, бидејќи во следниот напад Нант избори пенал по фаул врз Матис Аблен. Јусеф Ел Араби го презеде изведувањето на најстрогата казна, а иако голманот Робин Рајсе ја прочита намерата и ја одби топката, таа се врати токму кај напаѓачот на Нант кој без проблем ја смести во голот и израмни.

Ленс продолжи да доминира во натпреварот и создаваше серија опасни ситуации, при што Тован повторно беше централна фигура во офанзивата, но не успеа да погоди по втор пат. Во 79. минута гостите од северот стигнаа до нов гол преку Весли Саид, но погодокот беше поништен поради офсајд. Само две минути подоцна истата комбинација донесе резултат. По перфектен центаршут на Матје Удол, Саид извонредно реагираше со глава и го постави конечниот резултат, а двата гола на Ленс беа постигнати на сличен начин и беа одраз на одлично подготвената тактика на тимот.

Со оваа победа Ленс сега има четири бода предност пред Пари Сен Жермен, кој исто така го игра својот натпревар денес, што значи дека без оглед на исходот во тој дуел, тимот на Саже ќе остане на чело на табелата и по ова коло.