Легендите на Јунајтед си играа мајтап со Мартинез, тој им возврати: Нека ми го кажат тоа в лице!

Манчестер Јунајтед одигра фантастичен натпревар под водство на Мајкл Керик и пред својата публика славеше над Манчестер Сити со 2-0, во 198 градско дерби. Сити не само што загуби, туку не успеа да креира ниту една посериозна шанса, а најголемите заслуги за тоа одат кај дефанзивната линија на „ѓаволите“, која беше беспрекорна.  

Пред натпреварот, дефанзивецот на Јунајтед, Лисандро Мартинез, беше предмет на коментари од клупските легенди, на кои им одговори на оригинален начин.

Пред дербито, легендите на Манчестер Јунајтед, Пол Сколс и Ники Бат дадоа коментар за можните дуели меѓу  Лисандро Мартинез и напаѓачот на Сити, Ерлинг Халанд. Аргентинецот е висок 175 см, што е 20 см помалку од Норвежанецот, а поранешните играчи на Јунајтед го искористија тој факт за да го исмеат играчот на Јунајтед.

„Халанд може да го земе Мартинез и да трча со него. Знаете кога ќе видите татко како трча по улицата со мало дете. Така би изгледало“, почна Бат, на што Скоулс додаде: „Тој ќе постигне гол, а потоа ќе го фрли и него во мрежата.“

Мартинез не одговори на коментарите пред натпреварот. На теренот, го ограничи Халанд на само 14 допири на топката и два шута за 80 одиграни минути. По натпреварот, аргентинскиот дефанзивец не остана должен на клупските легенди.

„Искрено, може да зборуваат што сакаат. Но, ајде нека дојдат дома кај мене и нека ми го кажат тоа во лице. Но, кога и да се видиме, не кажуваат ништо. Па навистина не ме интересираат нивните коментари на телевизија. Се фокусирам на мојата игра, на играта на мојот тим и на тоа да го дадам максимумот секогаш кога ќе истрчам на теренот“, рече Мартинез. 

Мартинез полека влегува во посакуваната форма, откако поради тешка повреда беше отсутен подолг период.