• Иван Димовски

Манчестер Јунајтед загуби во дуелот од првото коло на Премиер лигата, на својот „Олд Трафорд“ од Брајтон (1-2). Ова ги налути фановите, кои се незадоволни од ситуацијата во клубот.
По поразот, легендите на клубот Рој Кин и Пол Сколс упатија сериозни критики. Главна мета беше дуото на средината од теренот, Скот МекТоминеј-Фред.
„Во Јунајтед има недостатокот на вистински одлуки и фудбалска интелигенција на средината од теренот, особено од Фред. Веќе долго зборувам, Фред и МекТоминеј не се доволно добри. Тие нема да го вратат Манчестер Јунајтед на врвот. Ова го гледаме од недела в недела, не се дораснати на задачата“, смета Кин.
Сличен е ставот и на Пол Сколс, легендарниот фудбалер кој до пред неколку години беше дел од клубот и дефинитивно не е навикнат на ваков Јунајтед.
„Шокантен старт за Јунајтед, особено првиот дел беше хаотичен. Од првата минута имаше знаци дека не оди. МекТоминеј често се обидуваше да трча со топка, смешно. Квалитетот на средината беше очаен. Бев среќен што судијата не го исклучи, имаше малку среќа, лесно можеше да добие црвен картон.
Тој квалитет на средината од теренот не е ниту близу до доволен, а години наназад ги гледаме истите двајца играчи. Тен Хаг мора да оди само со еден, но дури и еден таков во тимот е премногу. Фред губи топки, а МекТоминеј сака да оди во простор и исто така ја губи топката. Мора да додадеш до најдобрите играчи, тоа не е тешко. Ова со Брајтон беше криминално“, критикуваше Сколс.
Според изјавите на легендите, Скот МекТоминеј и Фред не се играчи за Манчестер Јунајтед. Сепак, двајцата фудбалери за врска се стандардни на средината на теренот веќе неколку години, под водство на повеќе тренери.