• Саше Љолес
Легендите на Манчестер Јунајтед не престануваат со критиките за тимот на „ѓаволите“, кои денес повторно одиграа блед натпревар против Астон Вила и ремизираа со конечни 0-0.
Ерик Тен Хаг и неговите момчиња немаат победа на последните три премиерлигашки средби, а лошата форма ја потврдија и на денешниот дуел со Вила. Одбраната беше одлична, но офанзивниот дел како да не постоеше, па затоа не треба да не чуди фактот што за играч на натпреварот беше прогласен искусниот ветеран на Јунајтед, Џони Еванс.
36-годишниот стопер беше одличен во дефанзивен сегмент, често истрчуваше и во напад и се обидуваше да ги мотивира соиграчите во текот на целиот меч. Токму овој момент предизвика голема лавина од реакции, а најгласни и конкретни овој пат беа Пол Сколс и Димитар Бербатов.
„Џони Еванс дојде само за да тренира со тимот и да остане во форма, но потоа доби договор. Самиот факт што денес тој е најдобар дефанзивец во тимот ви кажува дека нешто не е во ред“, изјави Сколс.
Со сличен став беше и Бербатов, кој отворено искажа голема почит за Еванс, велејќи дека сите помлади во тимот мора да земат пример токму од него.
„Сите што се појавија денес на теренот треба да се засрамат. Ова нема никаква концепција во играта. Еванс беше најдобар играч, младите мора да го следат неговиот пример и да придонесат за подобри резултати“, изјави Бугаринот.
„Ѓаволите“ на Тен Хаг се на очајната 14. позиција во Премиер лигата, а во следното коло ќе се соочат со Брентфорд на својот „Олд Трафорд“. Пристисокот врз менаџерот се зголемува со секој изминат ден и секојдневно се редат шпекулации за негов отказ од клубот.