• Горан Упале
Славниот шпански фудбалер Андрес Иниеста наскоро ќе објави дека става крај на својата успешна професионална кариера, пренесуваат многу светски медиуми. Наводно, оваа одлука поранешниот репрезентативец на „црвената фурија“ ќе ја соопшти на осми октомври, а тој датум го избрал бидејќи тоа е бројот што го носеше на својот дрес во текот на целата кариера.
Иниеста до ова лето играше во Обединетите Арапски Емирати, а по истекот на договорот тренираше самостојно со надеж дека ќе најде нова средина. Но, бидејќи Шпанецот веќе има 40 години, на негова адреса не стигна соодветна понуда и тој реши да стави крај на успешната кариера, во која освои сè што можеше да освои со Барселона и шпанската репрезентација.
Во дресот на каталонскиот гигант учествуваше во освојувањето на вкупно 32 трофеи, од кои девет во Примера и четири во Лигата на шампионите, а со шпанската репрезентација двапати беше европски првак и еднаш светски првак. Вкупно за националниот тим одигра 131 натпревар, постигна 14 гола и имаше 30 асистенции.
Според медиумите, Иниеста има план да се врати во Шпанија, да добие тренерска лиценца и потоа еден ден да стане тренер на Барселона, каде како играч помина шеснаесет години.