• Горан Упале
Легендата на шпанскиот фудбал и Реал Мадрид, Раул Гонзалес, вели дека никогаш нема да го заборави периодот кога го носеше дресот на Шалке 04.
Раул е една од најголемите легенди на Реал Мадрид, тој беше капитен и еден од најдобрите стрелци во историјата на „кралскиот“ клуб. Вкупно за првиот тим на Реал играше 16 сезони. На крајот од кариерата, тој помина две години во Бундеслигата, играјќи за Шалке, еден од најпопуларните германски клубови.
Во 2011 година со клубот од Гелзенкирхен го освои Купот и Суперкупот на Германија, а играше и во полуфиналето на Лигата на шампионите. Шалке беше еден од најдобрите германски и европски клубови во тоа време. За жал, денес овој клуб е далеку од тоа ниво. Моментално се бори за останување во втората лига (Цвајте).
„Го носам тој клуб во моето срце. Ме растажува кога гледам што се случи со Шалке и неговите прекрасни навивачи“, изјави Раул Гонзалес.
Шпанецот одигра вкупно 98 натпревари за Шалке од 2010 до 2012 година и постигна 40 гола.