Легендата на Ливерпул е нов тренер во клубот на Томе Пачовски

Поранешниот холандски репрезентативец и своевремено еден од најдобрите играчи на Ливерпул, Дирк Кајт, официјално е нов тренер на белгискиот второлигаш Бершот. Во овој клуб настапуваше, а сега ја извршува улогата тренер на голманите поранешниот македонски репрезентативен голман, Томе Пачовски.

Информацијата ја пренесоа повеќе холандски и белгиски медиуми, а Кајт добива договор со важност до истекот на 2026 година, со можност истиот да биде продолжен за уште една или две сезони. Екс-напаѓачот на Феенорд, Ливерпул и Фенербахче ја заврши активната кариера во 2017 година, а Бершот за него ќе биде втор тренерски предизвик. 

Претходно Кајт работеше во У19 тимот на Феенорд, а исто така беше тренер и на Ден Хаг во холандската Ерсте Дивизие. Дирк Кајт е вистинска легенда на Ливерпул. За „црвените“ одигра вкупно 208 натпревари на кои постигна 51 гол, а навивачите имаа огромна почит за него, затоа што беше неприкосновен на теренот, се бореше за секоја топка и си го заслужи прекарот „вечниот работник“.