Легендата на клубот си заминува, Ајакс ќе бара нов тренер

Холандскиот фудбалски гигант Ајакс соопшти дека нема да ја продолжи соработката со тренерот Џони Хејтингa по разочарувачката сезона која e пред самиот крај.

Иако Хејтинга го одведе тимот од петтото на третото место, откако се приклучи на првиот тим во јануари, Ајакс нема да игра во Лигата на шампионите следната сезона за првпат по четиринаесет години.

„На личен план, ова беше тешка одлука што не беше лесно да се пренесе со Џони, кој дојде во тежок момент за клубот.

Тој научи многу во последните неколку месеци и ние би сакале да одиграме улога во неговиот понатамошен развој како тренер. Но, заклучокот е дека на Ајакс му треба поискусен човек на тренерската позиција“, изјави директорот на Ајакс, Свен Мислинтат.

Пред да го преземе првиот тим на Ајакс, Хејтинга беше тренер во помладите категории на клубот од Амстердам.