Легендата доби свој наследник: Филевски по 25 години пак на голот на Вардар!

Поранешниот македонски фудбалски шампион Вардар со пријателски натпревар против Македонија ЃП ја темпираше формата во пресрет на клучните натпревари во Втората македонска фудбалска лига.

„Црвено-црните“ немаа сили да им парираат на „лавовите“ и загубија со 2-0, но овој натпревар беше посебен за младиот Никола Филевски. 17-годишниот чувар на мрежата на вардарци, денес го имаше своето деби за првиот тим на најтрофејниот и со тоа продолжи по стапките на својот татко. 

Имено, Никола е син на поранешниот македонски голман Антонио Филевски, кој важи за една од најголемите легенди на Вардар. Антонио исто како Никола своето деби како професионалец го имаше токму во редовите на Вардар, каде во првиот престој се задржа пет години (1988-1993). Потоа следуваше кратка авантура во Рио Аве и нови две сезони во Вардар. 

Во 1996 година се сели во Белгија, но ниту таму не се задржа долго и повторно го облече црвено-црниот дрес. Во својата богата кариера Филевски го бранеше уште голот на Железник, Беласица и Обилиќ, додека за Македонија забележа десет настапи.

Никола со дебито за Вардар несомнено ја оствари првата желба на својот татко, а дали ќе има блескава кариера како него, времето ќе покаже.