Легендарните „ножички“ на Мектоминеј овековечени на банкнота од дваесет фунти!

Банката на Шкотска претстави специјално ограничено издание на банкнотата од 20 фунти со ликот на шкотскиот репрезентативец Скот Мектоминеј, инспирирана од неговите легендарни „ножички“ против Данска во квалификациите за Светското првенство.

Новата банкнота е изработена во чест на пласманот на Шкотска на Мундијалот, прв по пауза од 28 години, а на неа е прикажан моментот кога фудбалерот постигна спектакуларен гол со „ножички“. 

Испечатени се само 100 примероци од колекционерската банкнота, а дел од нив ќе бидат понудени на аукција и наградни игри. Средствата собрани од продажбата ќе бидат донирани во хуманитарни цели за поддршка на бездомните лица во државата. 

Мектоминеј изјави дека му претставува голема чест неговиот гол да биде овековечен на ваков начин, додавајќи дека пласманот на Светското првенство е момент што засекогаш ќе остане во историјата на шкотскиот фудбал.