• Саше Љолес
Бразилскиот фудбалер Тиаго Силва одлучи да не го продолжи договорот со Порто, соопшти португалскиот клуб.
Искусниот дефанзивец пристигна во Порто кон крајот на 2025 година со договор до крајот на сезоната, со опција за продолжување на уште една година, но двете страни сепак решија да ја прекинат соработката.
Во тековната сезона, Силва настапи на 14 натпревари во сите натпреварувања и имаше значајна улога во одбраната на тимот.
„Засекогаш ќе ги паметам навивачите на Порто, се надевам дека и тие ќе ме паметат мене. Кога ќе се осврнам, гледам неверојатни моменти што ги доживеавме заедно.
Порто заслужено повторно ја освои титулата. Шампионот се врати. Ова не е збогум, се гледаме некогаш во иднина“, изјави Силва.
Во својата богата кариера, бразилскиот стопер настапуваше за Хувентуд, Милан, Пари Сен Жермен, Челзи и Флуминенсе, каде изгради статус на еден од најдобрите дефанзивци на својата генерација.
За репрезентацијата на Бразил има одиграно 113 натпревари и постигнато седум голови, но не се најде на списокот на селекторот Карло Анчелоти за претстојното Светско првенство.




