• Саше Љолес
Јосип Иличиќ несомнено беше една од најголемите фудбалски ѕвезди во Словенија. Напаѓачот имаше одлична кариера и настапуваше за Аталанта, Фиорентина и Палермо, но во последно време се мачеше со депресијата и се врати во родната земја, каде потпиша договор со Марибор.
36-годишниот Иличиќ долго не разговараше со медиумите поради неговите здравствени проблеми, а денес буквално експлодираше и ја нападна словенечката федерација поради ужасните услови на терените низ државата. Марибор одигра само 0-0 на гостувањето кај Рогашка, а Иличиќ даде навистина брутална изјава по натпреварот.
„Не знам дали вие забележавте, но овој терен не е за фудбал. Се чувствував како мало дете кое игра во кал и во секое време очекував некој да скрши нога. Тоа најмалку го посакувам, но јас играм со „половина колено“ и знам што може да ми се случи на ваков терен. Не знам како луѓето од федерацијата со гордост зборуваат за некаков развој на словенечкиот фудбал, а во исто време дозволуваат да се игра прволигашки меч на ваков ужасен терен.
Знам дека не можам да очекувам услови како во Италија, но ние сепак сме членка на Европската унија и имаме подобри финансиски услови од некои други држави. Крајно време е да поработиме на инфраструктурата, ова денес беше како хорор-филм без крај. Секоја минута на теренот ми се чинеше како цел час, навистина немам зборови. Жал ми е за сите останати соиграчи и колеги од противничкиот табор, сите бевме изложени на огромен ризик“, изјави Иличиќ.
Поранешниот репрезентативец на Словенија своевремено беше еден од најдобрите напаѓачи од таа земја и во клупската кариера постигна над 120 голови во сите конкуренции. Во дресот на „змајчеки“ настапи 79 пати и забележа вкупно 19 погодоци.