• Мартин Танасковски
Поранешниот англиски репрезентативец Ешли Кол е назначен за нов главен тренер на италијанскиот клуб Чезена, кој се натпреварува во Серија Б. Со ова, поранешниот лев бек за првпат во кариерата добива улога на прв тренер на еден професионален тим.
Од клубот соопштија дека договорот со 45-годишниот стратег ќе важи до крајот на јули, но во него е вклучена и клаузула која може автоматски да ја продолжи соработката доколку бидат исполнети одредени услови. Кол на тренерската позиција го наследува Микеле Мињани, кој претходно ја водеше екипата.
Англичанецот досега стекнуваше тренерско искуство како дел од стручни штабови во повеќе клубови и репрезентации. Тој работеше во Дерби Каунти, Челси, младинската репрезентација на Англија, како и во Евертон и Бирмингем Сити. Покрај тоа, Кол беше дел и од стручниот штаб на сениорската селекција на Англија по заминувањето на селекторот Герет Саутгејт.
Во текот на својата богата играчка кариера, Кол настапуваше за неколку познати клубови. Најголеми успеси постигна во дресот на Арсенал и Челси, а играше и за Кристал Палас. Искусниот дефанзивец има и интернационално искуство, бидејќи една и пол сезона настапуваше за Рома. Потоа следуваше период во американската МЛС лига со ЛА Галакси, пред да ја заврши играчката кариера во Дерби Каунти во 2019 година.


