• Саше Љолес
Бразилскиот голман на Флуминенсе, Фабио, вчера настапи на својот 1390. натпревар во кариерата, израмнувајќи го светскиот рекорд на легендарниот англиски голман Питер Шилтон според бројот на официјални натпревари. Флуминенсе победи со 2-1 против Форталеза, но резултатот од овој меч беше во втор план.
44-годишниот Фабио, иако веќе во одминати години дури и за еден голман, веќе 28 сезони брани на професионално ниво. Кариерата ја започна во Униао Бандеиранте (30 натпревари), потоа играше за Васко да Гама (150), Крузеиро (976), а последниве години е дел од Флуминенсе (234 натпревари).
„Бог ми го даде овој дар. Благодарен сум на сите што се со мене - татко ми, мајка ми, сестрите, пријателите, сопругата… Се трудам да бидам добар човек и да им помагам на соиграчите. Без Бог, ништо не би било можно“, изјави Фабио по натпреварот.
Тој наскоро ќе го надмине рекордот на Шилтон во натпреварот против колумбискиот клуб Америка де Кали, во рамки на осминафиналето од Копа Судамерикана. Интересно е што самиот Шилтон изјавил дека прв ќе му честита ако го сруши рекордот.
Шилтон бранеше од 1966 до 1997 година, па иако неколкупати самиот кажал дека има 1387 настапи, сепак, според Гинисовата книга на рекорди, бројката е 1390, бидејќи таму се вбројани и натпреварите за младата репрезентација на Англија.






