Легендарен напаѓач на местото на Биелса по катастрофалниот Мундијал на Уругвај

Легендата на уругвајскиот фудбал, Диего Форлан, е именуван за привремен селектор на сениорската репрезентација на Уругвај, соопшти Фудбалскиот сојуз на оваа јужноамериканска земја.

Четириесет и седумгодишниот Форлан неодамна беше назначен за селектор на репрезентацијата до 20 години, а сега ќе ја извршува и функцијата предводник на А-селекцијата најмалку до март следната година.

Форлан на клупата го наследува Марсело Биелса, кој доби отказ по катастрофалниот настап на Светското првенство, каде што Уругвај не успеа да ја мине ниту групната фаза. Уругвај во следните две години нема да има натпреварувачки обврски, а следниот официјален турнир ќе биде Копа Америка, кој започнува во јуни 2028 година.

Како фудбалер, Форлан го носеше дресот на Уругвај од 2002 до 2014 година, запиша 114 настапи и постигна 36 гола, оставајќи длабока трага како еден од најдобрите напаѓачи во историјата на националниот тим.