• Горан Упале
Ирската фудбалска легенда и еден од најдобрите напаѓачи во историјата на Премиер лигата, Роби Кин е нов шеф на стручниот штаб на Макаби Тел Авив, потврдија од израелскиот клуб.
Кин, кој на клупата ќе го замени Аитор Каранка, потпиша двегодишен договор со Макаби. До неодамна беше асистент во Лидс, а работеше како асистент и во репрезентацијата на Ирска и во Мидлсброу.
„Среќен сум поради овој предизвик во Макаби. Мојот тренерски штаб и јас едвај чекаме да започнеме, уверени дека сме способни да направиме се што е потребно за да го подготвиме тимот за новата сезона“, рече Кин.
Макаби Тел Авив минатата сезона заврши на третото место во израелскиот шампионат, зад шампионот Макаби Хаифа и вицешампионот Хапоел Бер Шева.
Во текот на својата играчка кариера, Роби Кин постигна повеќе од 400 голови за клубовите во кои настапуваше, како и за репрезентацијата на Република Ирска. Тој е играч со најмногу натпревари и најдобар стрелец во националниот тим, со 68 гола на 146 настапи.

