Легенда на Манчестер Јунајтед седна на клупата на Мидлсброу

Поранешниот играч на Тотенхем, Манчестер Јунајтед и англиската репрезентација, Мајкл Керик е назначен за нов менаџер на Мидлсброу, потврди англискиот клуб.

Керик на клупата на клубот од „Риверсајд“ седнува на местото на Крис Вајлдер, кој доби отказ по низата лоши резултати во Чемпионшип и елиминација од Лига купот од Барнсли. Раководството на Мидлсброу сакаше млад и амбициозен стручњак, кој би работел заедно со директорот на фудбалот Киран Скот, а една од опциите беше неодамнешниот тренер на Вотфорд, Роб Едвардс.

Мидлсброу е на 21. место на табелата во Чемпионшип со 17 бодови. Клубот од „Риверсајд“ во следното коло му гостува на Престон.

Ова ќе биде прв ангажман на Керик (41) како менаџер на тим. На крајот на 2021 година тој беше привремен менаџер на Манчестер Јунајтед на три натпревари во Премиер лигата, откако Оле Гунар Солскјер беше отпуштен.