Легенда на Манчестер Јунајтед е нов селектор на Република Ирска

Славниот ирски фудбалер, Џон О'Шеј, ја доби довербата од федерацијата на Република Ирска и станува привремен селектор на националниот тим, јавуваат медиумите на Островот. 

Легендата на Манчестер Јунајтед е привремено решение за клупата, но доколку оствари позитивни резултати, неговиот договор би можел да биде продолжен за уште две години. Првичната соработка е предвидено да трае до крајот на април, а потоа се очекува потврда на новиот договор и О'Шеј најверојатно ќе ја предводи Ирска низ квалификациите за Светското првенство во 2026 година. 

За време на играчката кариера, најголем печат остави во дресот на „црвените ѓаволи“, за кои одигра над 300 натпревари во сите конкуренции, а воедно беше и еден од милениците на менаџерот Сер Алекс Фергусон. Џон О'Шеј има 118 настапи за ирската репрезентација и се наоѓа на третото место на вечната листа во оваа земја.