• Саше Љолес
Поранешната легенда на Арсенал, Роберт Пирес, во разговор со француски портал рече дека „топчиите“ за жал го немаат потребниот „калибар“ за големи дострели.
Пирес своевремено беше дел од можеби најсилната генерација во историјата, а сега отворено рече дека Арсенал мора соодветно да се засили ако сака да се искачи на тронот во Англија и да биде значаен фактор во Лигата на шампионите.
„Се сеќавам колку ме болеше кога испаѓавме од Лигата на шампионите. Тоа чувство веројатно го имаат и актуелните играчи после елиминацијата од ПСЖ. Беа на чекор до финалето, но повторно на виделина дојде неискуството во клучните моменти. Важен е калибарот, а овие фудбалери сѐ уште го немаат.
Артета врши одлична работа, никој нема замерки за него, но тимот мора да се засили за да биде конкурентен во елитата. Ако имате солиден тим за Лигата на шампионите, тоа значи дека можете да ја освоите и Премиер лигата. Би сакал оваа солидна генерација да го доживее тој успех“, рече Пирес.
Арсенал оваа година остана во сенка на шампионот Ливерпул, а навивачите беа разочарани и по кој знае кој пат видоа како нивните миленици „се лизгаат“ во клучниот дел од сезоната.