ВИДЕО: Леганес и Хетафе освоија по бод во малото мадридско дерби

Во рамките на 15. коло во Примера се одигра првиот натпревар - малото мадридско дерби меѓу Леганес и Хетафе, кое на крајот заврши со реми резултат (1-1).

Првиот дел мина во отворена игра и со шанси на двете страни, а на одмор со предност заминаа гостите. Се играше 39. минута, Леандро Кабрера ја искористи асистенцијата од Дамиан Суарез и со глава го матира домашниот голман (0-1).

Во вториот дел тимот на Леганес ја презеде иницијативата и во почетните 15 минути од вториот дел имаше три големи шанси за погодок, но обидите на Сиовас и Оскар беа без завршница. Сепак, подобрата игра домаќините ја крунисаа во 65. минута, откако Алан Ниом прими една топка и го матира гостинскиот голман за израмнување на 1-1. Во последните мигови од мечот Ел Жар имаше одлична шанса и за целосен пресврт, но Сориа одлично одбрани и го остави својот тим непоразен.

Во следното коло Леганес ќе игра на гостински терен против Селта Виго, додека фудбалерите на Хетафе ќе го пречекаат тимот на Реал Сосиедад.