Лефковски: Фудбалот беше љубов на прв поглед, а Вардар е мојата најголема гордост

Младите спортисти се срцето на иднината на македонскиот фудбал – талентирани, посветени и гладни за успех. Преку новата серија инспиративни интервјуа под наслов „Нашите идни шампиони“, Powerade и Gol.mk започнуваат уникатна кампања посветена токму на нив.

Во следните два месеци, во специјална брендирана категорија на Gol.mk, ќе запознаеме осуммина перспективни млади фудбалери кои се веќе дел од репрезентативните селекции и најголемите домашни клубови. Со емотивни интервјуа, фотографии и лични приказни, ќе ја откриеме човечката страна на спортот и ќе ја истакнеме важноста на поддршката што младите ја добиваат во најважиот период од кариерата.

На ваков начин, Powerade не само што го промовира спортот, туку и активно помага во градењето на иднината на македонскиот фудбал. Следете нè и инспирирајте се од генерацијата што доаѓа. Првото име кое го имаме во овој серијал интервјуа ни доаѓа од најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар, тоа е капитенот на У21-тимот – Давор Лефковски.

Давор не потекнува од спортско семејство, но спортот му е веќе силно влезен во крвта. Игра во средниот ред на позицијата играч за врска, а од следната сезона се очекува да биде дел и од првиот тим на Вардар кој е актуелен освојувач на Купот на Македонија и ќе има европско лето во Конференциската лига на УЕФА.

„Фудбалот го сакам отсекогаш. Никогаш не ме влечел некој друг спорт, тоа беше љубов на прв поглед. Во моментов имам 18 години и се наоѓам на почетоците на мојата кариера која наскоро ќе биде и професионална затоа што сум под договор со првиот тим на Вардар. Уживам на теренот, сакам да играм и да се надигрувам со моите врсници. Играм на позицијата играч за врска, капитен сум на Вардар и особено сум горд на моите досегашни достигнувања“, започна Лефковски.

Секој играч има приказна за својот почеток, па така и Лефковски, кој ни ја раскажа својата. Почнал во својата населба Драчево, па преку фудбалската школа Форца дошол до портите на најтрофејниот македонски колектив.

„Со фудбал започнав благодарение на мојот татко. Тој за првпат ме однесе на игралиштето и така ми влезе овој спорт во крвта. Немам некоја заднина кога се говори за фудбалска историја, само јас сум фудбалер од моето семејство. Ми се допадна фудбалот, почна да ме влече и почнав со тренинзи во фудбалската школа Драчево. По некое време заминав во Форца каде работев со македонската фудбалска легенда Јовче Џипунов од кого научив многу, па започна мојата приказна со Вардар која трае и денес“, додава младиот играч.

18-годишникот е дел од Вардар повеќе од една деценија. Вели дека за него посебна гордост е што има шанса да игра за овој клуб.

„Веќе единаесет години сум дел од Вардар, оваа сезона ја носев и капитенската лента. Зошто баш Вардар? Јасно е, Вардар е најдоброто од Македонија, наш спортски бренд. Сите знаат за Вардар. За мене тоа име претставува гордост и да бидам член на овој клуб за мене е посебна чест и носи посебна мотивација за докажување. Конкуренцијата е голема, но и секогаш здрава. Убаво е кога имаш конкуренти, само така можеме сите да сме подобри“, открива Лефковски.

Фудбалот носи и пријателства, а со кого младиот играч и репрезентативец на Македонија е најблизок?

„Со соиграчите од тимот се дружиме за време на викендите, надвор од терените сме блиски. Најблизок во екипата сум со Кристијан Галевски, играме заедно уште од Фудбалската Академија каде минавме две години заедно и се дружиме активно. Со него се чувствуваме најблиски“, ни кажа Давор.

Во сезоната која ја оставаме зад нас, Давор Лефковски работеше со младинскиот тим чиј тренер е Трајче Стојковски, релативно млад стратег со богата прволигашка кариера како играч и над 120 настапи во елитното друштво.

„Тренерот со кој работев во сезоната која ја оставаме зад нас е Трајче Стојковски. За него имам да кажам само пофални зборови, откако ме презеде под негова контрола многу напреднав како играч. Од минатото во Вардар тука би ги издвоил и Саше Јанев, Саше Тодоровски, Саше Божиновски, Зоран Петковски, Милан Коцевски... сите се одлични тренери и луѓе. Оваа година завршивме на третата позиција, испаднавме во полуфиналето на Купот, можеше да биде подобро, но со оглед на екипата со која располагавме, ова е успешна сезона. За следната сезона ќе бидам со првиот тим на Вардар и сакам да станам шампион на Македонија“.

Како секој млад спортист, така и Лефковски има свој идол. Омилен фудбалер му е Лука Модриќ од Хрватска и Реал Мадрид, додека омилени клубови му се Вардар и Милан.

„Фудбалски идол ми е Лука Модриќ, го сакам заради начинот на кој што ја контролира топката. Од него најчесто крадам потези на теренот. Можеби го сакам најмногу дека е и од Балканот. Навистина го сакам неговиот стил за игра. Околу клубовите, навивам за Вардар и Милан. Овие две екипи ги сака мојот татко, а исто така не врзуваат и црвено-црните бои“, истакна членот на вардарци.

За крај, Лефковски остана скромен. Прво сака успех со Вардар, а што е негово – ќе си дојде понатаму со напорна работа.

„Најпрво за иднината мислам да направам успех со Вардар, да станам шампион на Македонија и да освојувам трофеи, а за понатаму – здравје, еден ден интернационална кариера. Секако дека сонувам и за репрезентацијата на Македонија, посебна чест е кога ќе ја чуеш националната химна и таа е гордост и мотив за секој играч“, заврши Лефковски.