ВИДЕО: Лече го изненади Лацио, дали заврши шампионскиот сон за римјаните?

Фудбалерите на Лече му направија услуга на Јувентус и дома го победија Лацио со 2-1, во првата средба од 31. коло на Серија А. Тимот од Рим одново потфрли и по поразот од Милан (0-3), загуби и на „Виа дел Маре“ што многу веројатно значи крај на шампионскиот сон. Од друга страна, Лече го префрли притисокот врз Џенова и Пандев, кои утре играат дома против Наполи, а дотогаш се наоѓаат во опасната зона. 

  • Извештај од натпреварот: 

Натпреварот во Лече стартуваше со еврогол на Марко Манкосу, кој поради игра со рака беше поништен. Само три минути подоцна, Габриел направи кикс и практично му подари гол на Лацио, а Каиседо ја смести топката во мрежата за 0-1.

Израмнувањето за домашниот тим го донесе Коума Бабакар, кој во 30. минута стрелаше по прецизното нафрлување на Фалко. Лече можеше да води и со два голови, но агонијата на Манкосу продолжи, кога пред крајот на полувремето го промаши целиот гол од најстрогата казна која ја доби неговиот тим поради игра со рака од Патрик

Вистинскиот шок за екипата на Симоне Инзаги стигна во втората минута од продолжението, кога стоперот Лучиони со глава го совлада Стракоша за 2-1, по корнерот на Сапонара за огромно славје на својот тим. 

Очекувано, Лацио ја презеде иницијативата и тргна по израмнување, а можеби и победа. Сепак, нападите на „небеско плавите“ беа безуспешни па ударите на Милинковиќ Савиќ, Патрик и Адекање ги одбрани Габриел. Во финишот се случи и интересна ситуација, кога Патрик гризна противнички играч и за тоа заработи директен црвен картон.

Овој кикс за Лацио е голем чекор назад, бидејќи имаат седум бодови негатива зад лидерот Јувентус кој со победа кај Милан може да дојде и на двоцифрена предност.