• Саше Љолес
Рафаел Леао беше еден од клучните играчи на Милан во пресвртот против Интер во финалето од Суперкупот, а неговото влегување на теренот донесе свежина во играта на „росонерите“ и придонесе со една асистенција за голот на Тами Абрахам.
Миланезите успеаја да го кренат трофејот и одиграа маестрален меч против вечниот градски ривал, а Леао смета дека најзаслужен за успехот е новиот тренер, Серџо Консеисао.
„Неверојатно е тоа што Серџо успеа да го направи за само неколку дена. Го врати победничкиот менталитет во тимот и тоа веднаш се забележа на теренот. Да се вратите од 0-2 против толку силен Интер не е за потценување.
Мислам дека сме на добар пат. Со Консеисао ќе растеме повеќе како тим и ќе се обидеме да го поправиме впечатокот на сите полиња. Оваа група има голем квалитет, тоа мора да го докажеме на следните мечеви“, изјави Леао.
Милан го освои првиот сезонски трофеј и донесе голема радост во црвено-црната страна на Милано. Следен предизвик за „росонерите“ е дуелот со Каљари во Серија А.