ЛЕ ФИНАЛЕ: Неискусниот Олимпик подготвен да го изненади Симеоне и Атлетико

ЛЕ финале

Полека се ближи крајот на уште една сезона во фудбалска Европа, а истата се заокружува со двата финални меча во најдобрите клупски натпреварувања на континентот. Вечерва на стадионот во Лион за трофејот во Лига Европа (ЛЕ) ќе се борат Атлетико Мадрид и Олимпик Марсеј, како најава за она што следува наредната недела во Киев, кога Ливерпул и Реал Мадрид ќе се соочат во финалето од Лигата на шапионите (ЛШ).

ОЛИМПИК МАРСЕЈ - АТЛЕТИКО МАДРИД

Ако се земат предвид последните неколку сезони, шпанскиот гигант нема така убави сеќавања од финалните натпревари. Загуби на двапати од градскиот ривал Реал во потрага на титулата во Лигата на шампионире, а денес се надева на прекин на негативната серија порази. Од друга страна, противникот и не е така искусен во европските натпревари, не настапуваше во нив цела декада, но Диего Симеоне, тренерот на „јорганџиите“, не сака да потцени никого и најави дека нема да го направи тоа со францускиот тим.

Димитри Паје и Форијан Товен донесоа свежа крв во офанзивата на тимот од Марсеј, кој беше изненадувањето во Лига Европа оваа сезона. Фудбалерите предводени од Руди Гарсија влегуваат во денешното финале како аутсајдери, најмногу поради неискуството во европските натпреварувања, особено во завршницата од истите. 

Фелипе Луис се очекува да го пропушти денешниот меч, а на негово место најверојатно ќе се појави Лукас Фернандез. Поради проблеми со мускулот, Паје го прескокна дуелот со Генгамп во француското првенство за време на викендот, но би требало да биде „фит“ за да стартува вечерва. 

Ова е втор меѓусебен дуел за екипите во Европа, а на претходниот во сезоната 2008/09, Шпанците запишаа една победа и едно реми во рамки од групната фаза во Лигата на шампионите. Олимпик Марсеј игра во своето трето финале, а на претходните две, против Парма 1998/99 и против Валенсија 2003/04, загуби во завршниот натпревар. Симоне со Атлетико одигра вкупно три финалиња, а покрај загубените во Лигата на шампионите, победнички си замина од Букурешт во 2012 година во рамки од Лига на Европа.

ОЧЕКУВАН РЕЗУЛТАТ: Олимпик Марсеј - Атлетико Мадрид 1-2