ЛЕ 2019: Челзи го доби премиерлигашкото финале за втор трофеј во историјата

Челзи

Премиерлигашите беа во центарот на вниманието во второто по ранг клупско натпреварување во Европа. Челзи го доби директниот дуел со Арсенал во финалето во Баку и ја освои титулата во Лига Европа за сезоната 2018/19. Головите ги постигнаа Оливие Жиру, Педро, а двапати стрелаше Еден Азар.

Групната фаза од сезоната помина рутински за фаворитите, каде имаше малку изненадувања. Елиминирани беа Олимпик Марсеј и Милан, а екипите на Ајнтрахт Франкфурт и Салцбург беа единствени со максимален број бодови. Шкотските ривали Селтик и Ренџерс по подолго време заедно учествуваа во турнирот, а тимот на Стивен Џерард имаше послаб учинок и го заврши настапот во групите.

Еден од финалистите имаше лесна задача, а вториот мораше да игра продолженија и да шутира пенали за да се пласира во натпреварот за титула. „Топџиите“ ја декласираа и не им дадоа никаква шанса на „лилјаците“ од Валенсија, а „сините“ од Лондон се намачија за да стават крај на сонот на Ајнтрахт.

Лошата организација на финалето донесе голем број празни места на стадионот во Баку. По неатрактивното прво полувреме, актерите на теренот се разиграа во продолжението и се погрижија да има интересни втори 45 минути. Жиру погоди против својата поранешна екипа и го најави дебаклот, кој го ублажи Ивоби во 69. минута.

Нокаут фазата во новата сезона ќе биде без клубови како Динамо Киев, Лацио, ПСВ Ајндховен, ЦСКА Москва, Борусија Менхенгладбах...

Манчестер Јунајтед на Оле Гунар Солскјер ќе биде најатрактивниот противник во завршницата на натпреварувањето напролет. Арсенал и Севиља го сочинуваат краткиот список на фаворити за наследник на Челзи.