ВИДЕО: „Лавовите“ во меч со седум гола болно загубија од Шкендија!

Екипата на Македонија Ѓорче Петров на домашен терен загуби од Шкендија (3-4) и сега шансите за Европа на „лавовите“ драстично им се намалени затоа што Струга победи со Вардар (1-0) и во последното коло ќе ја има судбината во свои раце и нема да зависи од други.

  • Извештај од натпреварот:

Домаќинот има зошто да жали, затоа што се враќаше од негатива двапати, а во финишот пропушти три зрели шанси да постигне четврти гол и да направи пресврт, за предност првпат на натпреварот. Тоа го казни Алими со гол пред самиот крај, за голема тага меѓу „лавовите“ и Струга Трим Љум сега е на третата позиција, со два бода предност. Во последното коло ќе се решаваат работите за местото кое води во Конференциската лига на УЕФА, ама јасно е дека стружани се во пол-позиција за Европа.

Дуелот во Ѓорче Петров почна со иницијатива на Шкендија. Најдобриот стрелец во историјата на ПМФЛ, Бесарт Ибраими, имаше блесок и во дванаесет минути постигна два гола. Првиот, напаѓачот на тетовчани го даде во 3. минута, а потоа во 15. минута зголеми на 0-2. Но, потоа темпото на игра се префрли на половината на гостинот од Тетово, па „лавовите“ на Таневски возвратија во иста мера.

Прво, во 33. минута, по една лоша проценка на дефанзивата на Шкендија, Самир Фазли намали на 1-2, а во 37. минута Јан Кривак го повлече Адем, а судијата покажа на белата точка и изедначување на стадионот во Ѓорче Петров донесе Робсон да Силва од најстрога казна. Тоа беше резултатот и на атрактивното прво полувреме со четири гола, а во 51. минута, младиот Дашмир Елези од Шкендија блесна и ја врати предноста за актуелниот шампион (2-3). Како третиот гол да ја растерети Шкендија, па во продолжението од мечот среќно ја чуваше предноста. 

Двапати Македонија Ѓорче Петров ја погоди стативата и пречката, а во 60. минута Незири за малку не си постигна автогол, затоа што по еден силен центаршут ја зафати топката, ама го погоди Захов во главата и Македонија ЃП доби корнер. Ѓока реагираше, направи тројна замена и ги внесе Нафиу, Дориев и Хебај, но и тоа не донесе ништо ново за Шкендија. Повеќе се играше на половината на тетовчани, а во 68. минута, Фернандо по еден слободен удар откосо биеше во горниот дел од пречката од голот на гостинот.

По голем притисок, Македонија ЃП дојде до израмнување во 85. минута. Петров прими топка во казнениот простор и веднаш додаде до искусниот Боби Божиновски, кој го надмудри Захов и донесе 3-3 во Ѓорче. По една несигурност на Захов, по еден хаос во голманскиот простор, Македонија ЃП во 89. минута трипати се обиде да дојде до четврти погодок, но немаше реализација затоа што двапати ударите беа блокирани, а за крај Чарлестон не погоди со глава и топката заврши крај голот.

Сите промашувања им се удрија од глава на фудбалерите на Македонија ЃП, затоа што Алими изведе слалом во финишот по еден отворен простор и во 92. минута донесе триумф за Шкендија, со третиот погодок кој го постигна оваа сезона. Тетовчани го завршија натпреварот со играч помалку, затоа што во екстра-времето исклучен беше Љупчо Дориев.

Македонија ЃП во последната рунда ќе се соочи со веќе испаднатиот Вардар, додека Шкендија ќе биде домаќин на вицепрвакот Шкупи. Натпреварите од последното прволигашко коло се играат на 16 мај.