• Зоран Мишевски
Главниот фаворит за шампионската титула и промоција во Првата лига, Македонија Ѓорче Петров со стил ја заврши полусезоната. Избраниците на Бобан Грнчаров извојуваа победа од 0-4 (0-2) на потопениот терен во Струмица против Беласица.
Натпреварот беше под закана за одложување, па доцнеше половина часа за да се создадат услови за игра, а иако ги немаше, сепак официјалните лица одлучија дуелот да се одигра.
Со по два гола во секое од полувремињата „жолто-црвените“ лесно ја совладаа подмладената Беласица, која не можеше да парира против екипа со искусни прволигашки играчи како Македонија Ѓорче Петров. Најдобриот стрелец во Втората лига, Симеон Христов, постигна два погодоци до одморот и ја најави победата на скопјани. Крсте Велкоски и Марио Станковски го заокружија триумфот во вториот дел.
Македонија Ѓорче Петров е есенски првак со 38 бода. Пет бода зад „лавовите“ доцни Брегалница, а шест заостанува Башкими. Пролетниот дел на Втората лига почнува на 15 февруари 2025 година.