ВИДЕО: „Лавовите“ пукнаа петарда, Брегалница слави во дербито во Струмица, Скопје го освои Прилеп

Екипата на Македонија Ѓорче Петров не го дава лидерското место во Втората македонска фудбалска лига. „Лавовите“ кои минатата сезона на изненадување на сите испаднаа од елитата, посакуваат експресно да се вратат во ПМФЛ, а според досега прикажаното во второлигашкото друштво, се на добар пат да го сторат тоа.

Во рамки од 13. коло во ВМФЛ тимот од Ѓорче на свој терен славеше убедлива победа над Вардар Неготино од 5-0, а одново најдобар поединец кај домашниот тим беше искусниот Симеон Христов, кој беше творец на три гола. 

  • Македонија Ѓорче Петров - Вардар Неготино 5-0:

До посакуваните три бода стигна и тимот на Арсими, кој исто така го одбрани домашниот терен и против Борец славеше минимална победа од 1-0. Голот за домашниот тим беше постигнат на стартот од натпреварот, по воиграна тимска акција. 

  • Арсими - Борец 1-0:

Фудбалерите на Брегалница од Штип го следат чекорот на лидерот Македонија ЃП и попладнево запишаа нови големи три бода на своето конто. На гостувањето кај Беласица штипските „сини“ триумфираа со 0-1, а стрелец на единствениот гол на натпреварот беше Ивановски во 33. минута.

Екипата на Детонит Плачковица приреди мало изненадување во Охрид, откако на „Билјанини Извори“ славеше сигурна победа над домашниот тим со 1-3. Тимот кој што лани беше на чекор до историски пласман во елитата денешниот триумф го обезбеди уште во првото полувреме, во кое си обезбеди водство од 0-2. На стартот од вториот дел Охрид успеа да ја врати неизвесноста и намали на 1-2, но гостите експресно возвратија и на крај заслужено славеа победа од 1-3.

  • Победа - Скопје 0-2:

Фудбалерите на Скопје со три бода се враќаат од гостувањето кај Победа во Прилеп, откако во самиот финиш домашниот голман направи голема грешка и наместо да ја „боксува“ топката, тој ја фати со двете раце и со неа влезе во голот. Конечните 0-2 беа поставени во судиското продолжение. Новаци беше убедлив и со 5-0 го совлада Осогово. Головите за екипата на Дарко Крстески ги постигнаа Здравевски, Милевски, Трифуновски, Јовановски и Поповски.

Башкими по поразот од Скопје во претходното коло, експресно им се врати на победничкиот пат во второлигашкото друштво и на средбата со Кожув не дозволи изненадување и извојува минимален триумф од 1-0. 

По тринаесет одиграни кола Македонија ЃП останува лидер со 32 бода, два повеќе од Брегалница, а три од Бешкими. Во долниот дел од табелата Осогово со новиот пораз останува во опасната зона (14 место), а под него се уште и Борец и Вардарски.