ВИДЕО: „Лавовите“ проголтани, Алашкерт со два гола предност ќе гостува во Скопје

Маке

Првиот натпревар од квалификациите за Лига Европа меѓу Алашкерт и Македонија Ѓорче Петров заврши во полза на ерменскиот прволигаш (3-1). Абрахам Кашманјан ја водеше својата екипа во домашна победа и солидна предност пред реваншот за една недела.

Двете екипи започнаа резервирано и со стандардното испитување на силите. Мирната игра траеше до 16. минута кога беше постигнат првиот погодок. Истиот донесе водство на домашниот тим кој ја круниса благата иницијатива и го отвори резултатот. Никита Танков без размислување испрати силен удар од далечина и го совлада младиот Јовановски.

Од тој момент ерменскиот претставник се повлече и започна да ја брани предноста. Тоа им овозможи на „лавовите“ да изградат неколку солидни напади и да испратат свои закани. Робсон да Силва шутираше силно од слободен удар и ја имаше најголемата шанса за екипата од Ѓорче Петров во првите 45 минути.

Алашкерт ја чекаше својата шанса преку контра нападите. Раширената дефанзива на противникот им годеше и им остави простор да тргнат во неколку брзи акции. Но, истите немаа посакуван резултат, па на пауза се замина со минимална предност за домашните фудбалери.

Почетокот на вториот дел донесе радост за Македонија ЃП која брзо израмни и се врати во игра во натпреварот. Центрираше Дејан Тантуровски од десната страна, а во срцето на шеснаесетникот на противникот се најде Ален Јашаровски кој испрати одмерен удар со глава и погоди за 1-1.

Голема шанса за пресврт имаше Карваљо во 65. минута, но наместо да додаде, тој себично сакаше да ја заврши акцијата, но шутираше само во рацете на голманот. Една минута подоцна пристигна казната и новиот погодок во мрежата на македонскиот клуб. Данило Секулиќ реализираше со глава и ја врати предноста за својата екипа, а точка на мечот стави Бианор на десет минути до крајот за конечни 3-1. 

Доколку сака пласман во следната фаза, Македонија Ѓорче Петров ќе мора да победи со два гола разлика на вториот натпревар кој се игра на 18 јули.