ВИДЕО: „Лавовите од Атласот“ го стопираа Камерун во својот дом!

Фудбалската репрезентација на Мароко обезбеди пласман во полуфиналето на Африканскиот куп на нации, откако вечерва во Рабат со 2-0 ја совлада селекцијата на Камерун.

  • Извештај од натпреварот:

Избраниците на селекторот Валид Реграгуи целосно ја оправдаа фаворитската улога и со контролирана игра ја израдуваа домашната публика. Камерун, пак, настапи во состав кој не успеа да остави сериозен впечаток, а внатрешните несогласувања во националниот тим повторно излегоа на површина, што значително се одрази врз нивниот настап.

Натпреварот започна со доста нервоза и недоволна организираност на двете страни, но Мароко успеа прв да ја искористи својата шанса. Во 26. минута, по корнер, Брахим Дијаз најдобро се снајде во мешаницата во шеснаесетникот и го постигна својот петти гол на турнирот, носејќи водство за „Лавовите од Атласот“. До крајот на првото полувреме Мароканците имаа уште неколку опасни обиди преку Езалзули и Ел Каби, но резултатот остана непроменет.

Во вториот дел Камерун имаше повеќе посед на топката, но без вистинска закана. Единствениот посериозен обид беше ударот на Енкуду, кој заврши крај голот што го бранеше сигурниот Боно. Клучниот момент се случи во 74. минута, кога по уште еден корнер, Агерд асистираше до Исмаел Саибари, а овој со прецизен удар ја запечати победата и стави точка на настапот на Камерун на овогодинешниот континентален собир.

Мароко во полуфиналето ќе се соочи со победникот од дуелот меѓу Алжир и Нигерија.