• Саше Љолес

Екипата на Македонија ЃП стави крај на лошата серија од пет порази и освои еден бод во ремито кај Брера Струмица (1-1) во натпреварот од 27. коло на Првата македонска лига.
Мечот започна со голема доза внимателност на двете одбрани, ниту еден тим не сакаше да тргне посилно во напад, иако домашниот тим имаше за нијанса повеќе од играта. Брера делуваше дека е малку во подобар ритам, но и „лавовите“ се закануваа со повремени брзи противнапади на туѓата половина.
Една солидна акција искористи Брера, кога Шерифи стори прекршок врз Петровиќ во гостинскиот шеснаесетник, а судијата Крумислав Ѓорѓиев без двоумење покажа на белата точка. Консултацијата со ВАР-собата само ја потврди првичната одлука.
Најстрогата казна прецизно ја реализираше Филип Михаилов, кој донесе водство за Брера во 22. минута и го запиша својот четврти сезонски погодок. Продолжија домашните со добра игра и во следниот период, имаа уште неколку солидни прилики за нешто посериозно, но без успех во завршницата.
Се обиде Петровиќ, а потоа бараше и нов пенал за домаќините, но судијата Ѓорѓиев одмавна со раката. Во самиот финиш на првиот дел, добра шанса имаше и Аризанковски, но ударот беше непрецизен. На паузата, Брера Струмица ја задржа минималната предност од 1-0.
Стартот на вториот дел донесе промена на улогите на теренот, Македонија ЃП тргна во голема офанзива и се обидуваше бргу да дојде до израмнување. Пропуштија „лавовите“ 2-3 солидни прилики, но добија награда во 57. минута, кога Огужан Ајдоган погоди за 1-1 и донесе радост на гостинската клупа.
Брера повторно тргна во напад по примениот погодок, домашните играчи нафрлија неколку топки во шеснаесетникот и го бараа високиот Луковиќ, но поконкретна шанса имаше Миле Тодоров, кој упати силен удар со левата нога, а голманот Јанков беше на висина на задачата.
Темпото малку се разгоре, видовме голема борба на средината на теренот, но во следниот период публиката не просведочи некоја посериозна шанса на двете страни. Гостите од Скопје не отстапуваа од офанзивата, иако потешко го пронаоѓаа патот до шеснаесетникот.
Времето изминуваше и се чинеше дека гостите се поблизу до еден бод, но имаа аспирации и за освојување на целиот плен. Изведоа „лавовите“ неколку корнери во финишот, но и Брера одеше во напад со надеж за евентуален втор погодок. Се чини дека ремито не му одговараше на ниту еден од ривалите, но сепак натпреварот на крајот заврши со конечни 1-1.
Македонија ЃП сега има 24 бода, два помалку од Пелистер, додека Брера Струмица има 33 бодови и засега останува на осмата позиција на табелата.
Во следното коло, струмичани одат на тешко гостување кај Силекс во Кратово, а Македонија ЃП патува кај Пелистер во Битола.








