ВИДЕО: „Лавовите“ играат магично, лекција за Работнички и второ место на табелата

Работнички тоне во резултатска криза, а „лавовите“ се приклучија дури и во битката за титулата во ПМФЛ. Тоа е заклучокот по скопското дереби од 12. коло, во кое Македонија ЃП го совлада Работнички на Арената „Тодор Проески“ со 1-3 (1-2), со доминантна игра и ефектни голови. 

Достаниќ се реши да им даде шанса на Чумиќ и Станковски од првата минута, но поискусните „лавови“ на Тасевски подобро го отворија натпреварот. Во четвртата минута Филиповски биеше од голема далечина, но топката заврши преку голот на Јанков. По само пет минути на „Тодор Проески“, екипата на Жикица Тасевски поведе со 0-1, со прекрасниот гол на Филип Петров. Брзоногиот фудбалер им побегна на домашните дефанзивци, одлично пласираше крај немоќниот Јанков и го доведе својот тим во водство.

Само две минути подоцна Јанков му одбрани зицер на Адем и го спаси својот тим од двојно заостанување. На половина од игра во првиот дел Воша беше соборен во казнениот простор и главниот судија покажа на белата точка. Адем го матира Јанков и ја зголеми предноста на Македонија ЃП на 0-2. 

Во 32. минута Божиновски со глава биеше од изгледна позиција, Јанков остана закопан на гол-линија и топката профучи крај дирекот. Работнички немаше идеја, скоро и да не креираше шанса до одморот, па „рака“ им подадоа гостите. По центаршутот на Силјановски од десната страна, Адем си даде ефектен гол со глава и на одмор се замина со 1-2. 

На почетокот на вториот дел Јефтовски со глава имаше можност да израмни, но биеше преку пречката на Стевковски. Одлуката околу победникот ја донесе Аугусто Фернандо со мајсторија во 53. минута. Бразилскиот лев бек ја измеша одбраната на Работнички и го матира Јанков (1-3). 

На средина од вториот дел дирекот го спаси Стевковски по ударот со глава на Чумиќ. Лука Станковски одлично биеше во 64. минута, но Стевковски одлично интервенираше. Воша можеше да ги разреши дилемите во 65. минута, биеше одлично со глава по центрашутот на Фернандо Аугусто, но топката заврши над дирекот.

Влегоа во игра Муарем, Стојкоски и Ѓурѓевиќ, се обидоа со неколку мешаници пред Стевковски домаќините да се вратат во натпреварот, но не беа луцидни при завршниот удар. Гостите натпреварот го завршија со десетмина, откако Атанасковски во 81. минута беше исклучен заради два жолти картони. Во последните мигови и Стефан Јевтовски беше исклучен заради прегруб прекршок врз Марио Настевски. Во седмата минута од судиското надополнување среќата ги послужи гостите, откако од самата гол-линија Стевковски и дефанзивците ја избија топката во поле. 

Со многу зрела игра, допадливо и продуктивно, Македонија Ѓорче Петров дојде до уште една победа и со ремито на дербито во Тетово, сега изби на второто место, со само еден бода помалку од Шкендија