ВИДЕО: „Лавовите“ ѝ ставија крај на лошата серија во ПМФЛ, Гостивар остана на дното

Екипата на Македонија ЃП конечно стави крај на лошите резултати во домашниот шампионат и по пауза од четири натпревари ја забележа само втората победа во новата сезона. Во Ѓорче падна екипата на Гостивар, која беше совладана со 3-0 (1-0). Дали оваа победа ќе значи излез од кризата или само лажна надеж за освојувачот на Купот на Македонија, ќе дознаеме во следните кола, но секако дека е позитивен исчекор на нешто ново во Ѓорче.

  • Головите од натпреварот:

Натпреварот во Скопје започна со блага иницијатива на гостите. Новајлијата во ПМФЛ тргна офанзивно и преку најголемото засилување Потук ја испрати првата закана на средбата, но први на гол се радуваа домаќините.  По неуспешниот обид на турскиот офанзивец, на спротивната страна Јаго прецизно го проигра Величковски во срцето на казнениот простор на Гостивар, а овој по одличниот прием си создаде простор за удар и не погреши (1-0).

По отворањето на резултатот Гостивар имаше нов обид да го загрози домашниот гол, но одново без успех. Гоба во 20. минута имаше неуспешен обид со глава, а офанзивната поставеност на гостите можеше да донесе нов погодок на „лавовите“. Кон средната на полувремето на домаќините им се отвори простор за брза контра, која за малку ќе донесеше нов радост на трибините, откако Скендери за милиметар не го стигна центаршутот од десна страна. 

На полувреме се замина со минимално водство на ѓорчепетровци, а стартот на вториот дел не донесе поголемо возбудување. Се играше претежно на средината на теренот, двете екипи тактизираа и чекаа шанса да го нападнат противничкиот гол. Така беше во воведните 15 минути, по што следуваше нешто подобра и поофанзивна игра на гостите. Гостивар имаше контрола на терен и притисикаше на противничката половина, но „лавовите“ не само што искусно се одбранија, туку во 81. минута зададоа уште еден удар. Капитенот Мишевски беше сигурен реализатор од 11 метри за 2-0, додека во самата завршница дефанзивецот Илиевски со прецизен удар по еден корнер стави точка на натпреварот (3-0).

Со оваа победа Македонија ЃП направи мал скок на табелата и сега е на деветтото место, додека Гостувар остана последен со само три бода.