„Лавовите“ го користат подобриот момент и ќе бркаат одмазда за поразот во Штип

По вчерашните четири натпревари во кои максимален учинок имаа домашните екипи, денес со една средба ќе биде затворено 14. коло во Првата македонска фудбалска лига. На истиот улогата на благ фаворит ја има домашниот тим, бидејќи гостите минуваат низ турболентен период.

Македонија Ѓорче Петров пред својата публика ќе го пречека составот на Брегалница. Се чини дека двата тима не ги бележат резултатите кои што ги имаа замислено пред стартот на сезоната, но со оглед на израмнетиот шампионат, неколку победи во низа може да ги искаче на местата кои водат во Европа. 

„Лавовите“ се благи фаворити, не само затоа што играат на свој терен, туку и поради подобрата атмосфера во своите редови. Македонија ЃП во средата обезбеди полуфинале во Купот на Македонија, додека штипјани се „лизнаа“ на теренот на лидерот и беа елиминирани од Струга Трим Љум. Исто така, Брегалница е во потрага по нов тренер, по разделбата со Илчо Ѓорѓиоски, кој летово доби одврзани раце да изгради тим за повисоки дострели, но резултатите не му одеа во прилог.

Мотив плус за победата на ѓорчепетровци е и поразот во Штип во нивната прва меѓусебна пресметка оваа сезона. На последните пет средби меѓу овие два тима, Брегалница има уште еден триумф, еден натпревар заврши нерешено, а Македонија ЃП забележа две победи. Средбата во Скопје започнува од 13:00 часот.