ВИДЕО: Лаутаро и Меси ја покажаа аргентинската класа на празникот во Ангола

Репрезентацијата на Аргентина ја совлада Ангола со 0-2 (0-1) на пријателскиот натпревар одигран денеска на стадионот „11 ноември“ во главниот град Луанда. 

Творци на победата за светските шампиони беа ѕвездите Лаутаро Мартинез и Лионел Меси. Напаѓачот на Интер стрелаше за 0-1 во 43. минута, а конечните 0-2 ги постави славниот Меси, кој стрелаше осум минути пред истекот на регуларното време. За Мартинез ова беше 36. погодок за својата земја, со кој го мина на вечната листа славниот Хернан Креспо. 

Аргентина настапи во прилично силен и ѕвезден состав, не оставајќи му никаква шанса на мотивираниот домаќин, за кој ова беше вистински фудбалски празник. Избраниците на Лионел Скалони веќе се сигурни патници на Светското првенство во САД, Канада и Мексико.