• Саше Љолес

Аргентинскиот напаѓач и член на Интер, Лаутаро Мартинез зборуваше за италијанските медиуми во врска со финалниот натпревар против Манчестер Сити во Лигата на шампионите. Лаутаро е во одлична форма сезонава, постигна 27 гола во сите конкуренции и полн со оптимизам го чека мечот за престижниот трофеј.
„Манчестер Сити е без сомнеж еден од најсилните тимови во светот. Ќе ни биде тешко, но ние знаеме што треба да правиме и ќе се бориме до самиот крај. Судбината сакаше да нè донесе во финалниот меч, на само чекор од титулата. Ова не се случува секој ден и мораме да ја искористиме шансата.
Интер е голем клуб, а овие играчи покажаа дека го заслужуваат најдоброто. Сезонава игравме против дел од најдобрите и покажавме дека сме одличен тим. Сити е голем фаворит, но ние нема да ја испуштиме шансата за добро претставување во финалето“, заклучи Мартинез.
Одличниот напаѓач се очекува да настапи од првата минута во финалето кое ќе се одигра во Истанбул. Покрај него, најверојатно ќе излезе Ромелу Лукаку, затоа што Един Џеко го наруши својот однос со тренерот Симоне Инзаги. Не е познато дали „топката е спуштена“, но сигурно е дека Интер има навистина квалитетна ротација во офанзивната линија.
Финалето против фаворизираниот Манчестер Сити ќе се одигра на десетти јуни на стадионот „Кемал Ататурк“.