Латифи: Бевме одлични, но судбината реши да примиме гол во 100. минута!

Сѐ уште се сумираат впечатоците од ремито на Шкендија и Јагјелонија во Конференциската лига. Тетовчани испуштија голем триумф против полскиот претставник, кој постигна гол во 100. минута и успеа да извлече бод од гостувањето во Скопје (1-1).

Стрелец на голот на Шкендија беше Лиридон Латифи, кој го прокоментира мечот и изјави дека судбината сакала да примат гол длабоко во судиското надополнување. 

„Одигравме тежок натпревар. Од самиот старт знаевме дека имам работа со квалитетен противник. Се подготвивме добро и изгледавме одлично на теренот. Постигнавме гол, нешто што беше многу важно за нас. Но, мислам дека судбината сакаше да примиме гол во самиот финиш. 

Мора да ги кренеме главите високо и да се гордееме на нашата игра, затоа што се претставивме во одлично светло. Повредата на Зејнулаи малку ни го наруши балансот, но успеавме да одиграме квалитетно, со одличен пристап на теренот. Му посакувам брзо закрепнување на нашиот соиграч“, изјави Латифи. 

Токму Латифи го постигна првиот гол за Шкендија во Конференциската лига, затоа што во првото коло тетовчани загубија со 2-0 кај Рајо Ваљекано, а победата над Шелбурн во втората рунда дојде по автогол на ирскиот тим во самиот финиш од натпреварот.

Следен европски предизвик за актуелниот шампион на Македонија ќе биде важниот меч против косовска Дрита, кој е закажан за 27 ноември.