ВИДЕО: Ласана човек на одлука, Струга ТЛ ѝ го нанесе третиот пораз во низа на Силекс

Фудбалерите на Струга Трим Лум ја продлабочија кризата на Силекс и пред својата публика му го нанесоа третиот пораз во низа. Во претпоследниот натпревар од шестото коло од ПМФЛ, стружани со минимални 1-0 славеа над четата на Васоски и го впишаа четвртиот овосезонски триумф во елитата.

Првото полувреме не донесе многу возбудувања во градот покрај езерото. Актерите на теренот играа претпазливо и не преземаа поголем ризик, а на двете страни видовме по само една поголема шанса. За домаќинот ја испушти Радески, кој шутираше непрецизно од дистанца, додека за Силекс се закани Анѓелески, кој по еден корнер од тешка ситуација биеше во надворешниот дел од мрежата на Струга. 

Домаќините поамбициозно го започнаа второто полувреме, а тоа вроди со плод во 59 минута. По еден остар центаршут, гостинската одбрана потфрли, а Ласана се најде на вистинско време и вистинско место и од непосредна близина погоди за 1-0.

Васоски реагираше со тројна замена и внесе свежи сили, но ништо не се промени на теренот. Двократниот шампион на Македонија имаше целосна контрола и не дозволи гостинот од Кратово да го загрози голот на Василев, па трите бода заслужено останаа во Струга. Најголемата шанса за израмнување кратовци ја испуштија во самиот финиш, кога Ѓерасов од полулево ја стресе пречката. 

Со оваа победа Струга се врати на втората позиција на табелата со 13 бода, два помалку од лидерот Шкендија, додека Силекс останува на петтото место со седум бода. 

Прва македонска лига, шесто коло
Струга ТЛ – Силекс 1-0 (0-0)

Градски стадион Струга, гледачи 300
Главен судија: Александар Грујоски
Асистенти: Лика Куштрим и Давор Цветаноски
ВАР-судија: Влатко Илиоски
Стрелец: Ласана Диако за Струфа Трим Лум во 59. минута
Жолти картони: Воша (Струга ТЛ), Шеро и Делимеѓац (Силекс)

Струга ТЛ:
Василев, Рочи, Воша, Бојку, Шабани, Радески (од 75м. Зенделовски), Фал, Хамза (од 46м. Хамза), Малески (од 90м. Рочи), Едисон, Ласана (од 80м. Агамах)
Силекс:
Љ. Џеков, Ѓ. Џеков (од 62м. Ѓерасов), Анѓелески, Шеро (од 68,. Мишов), Хасукиќ, Донов (од 63м. Талаков), Ефтимов, Шуберт, Пановски, Илиески (од 75м. Бутуровиќ), Манојлов (од 50м. Делимеѓац)
Играч на натпреварот: Ласана Диако (Струга Трим Лум)

Во следното коло Струга ќе гостува кај Тиквеш во Кавадарци, додека противник на Силекс ќе биде Брегалница, екипата која што овој дуел ќе го започне со нов тренер, откако отказ доби Никола Кузманов.