• Горан Упале
Црвена Звезда без никакви проблеми го завери пласманот во третото квалификациско коло од Лигата на шампионите, откако на „Рајко Митиќ“ го декласира Ларн со 5-0. Белграѓани двомечот против шампионот на Северна Ирска го завршија со убедливи 9-0.
Домаќинот тргна фуриозно и поведе уште во третата минута. Милош Вељковиќ со глава ја испрати топката кон Александар Катаи, кој излезе пред голот и рутински реализираше за 1-0. Катаи погоди и во 16. минута, но неговиот втор гол беше поништен по интервенција на ВАР поради офсајд.
До крајот на полувремето неколку можности имаше Марко Арнаутовиќ, а во судиското надополнување конечно ја затресе мрежата за 2-0. Звезда продолжи во ист ритам и по паузата. Лоизу во 49. минута ја зголеми предноста, Арнаутовиќ со својот втор гол погоди за 4-0 во 60. минута, а конечните 5-0 ги постави Букари во 79. минута.
Следен ривал на Црвена Звезда ќе биде Хапоел Бер Шева, а првиот натпревар ќе се одигра следната среда во унгарски Сомбатхељ.
Во следната фаза се пласира и Фенербахче, елиминирајќи го Горник, како и Славен Братислава кој беше поуспешен во двомечот со Ибериа.








